
ВМРО ДПМНЕ со услови за да гласа за законот зa Јавно обвинителство
Државен јавен обвинител да се избира по предлог на опозицијата, СЈО да престане да ја извршува функцијата како посебно тело и да стане дел од Обвинителството за организиран криминал, а собраниска Анкетна комисија да ги испита како и за што ова обвинителство потроши 2 милиони евра, од кои дел се и странски пари. Ова се условите што ги постави ВМРО ДПМНЕ за да гласаат за новиот Закон за Јавно обвинителство, за кој е потребно твотретинско мнозинство. Доколку владата не ги исполни, нема да ги поднесат ниту подготвените амандмани на законот, за кој велат дека имаат забелешки на 120 страни. Доказите прибрани од СЈО после 30 јуни 2017-та година, велат дека скапо ќе ја чинат државата.
Од ДУИ изразија оптимизам дека ќе се постигне компромис.
Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека не прифаќа смена на обвинителката Катица Јанева и дека СЈО мора да продолжи да работи како и досега.Во понеделникот и министерката за правда изјави дека не се согласуваат со клучните барања на опозицијата. Доколку на утрешната средба никој не попушти, изгласувањето на законот, кој е дел од реформските закони што ги бара Европската унија, ќе зависи од волјата на осумтемина пратеници кои беа исклучени од ВМРО ДПМНЕ и формираа посебна пратеничка група.
Далиборка Демјанска Цветановска