
ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во Собранието за Законот за јазици
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во собраниските клупи на повторното разгледување на законот за употреба на јазиците. Велат дека, ќе се обидат со амандмани да превенираат носење на неуставен закон и да ги убедат пратениците од мнозинството во ризикот од последиците на носење на закон што излегува од уставните рамки.
Од партијата велат дека, законот има бројни пропусти и затоа им е насфатливо одбивањето на СДСМ, законот да се повлече и да се формираат работни групи составени од експерти од разни области, кои би го подобриле текстот на законот и би ги отстраниле неуставните елементи од него. Владиниот портпарол, пак, денеска го повтори ставот на владата дека, законот е во согласност со Уставот. Изјави и дека, дека целиот текст на законот ќе оди на мислење во Венецијанската комисија, по што може да претрпи измени во зависност од нивните забелешки.
Претходно од Владата тврдеа дека мислење од Венецијанската комисија ќе побараат само за одредбите од законот кои се однесуваат на двојазичните униформи на полицијата, пожарникарите и здравствените работници, во Скопје и во општините со над 20 отсто албанско население, како и за одбредбата на парите да има симболи и од албанската култура. Дел од експертите веќе се изјаснија дека Венецијанската комисија не е надлежна да ја оценува уставноста на законот, како и дека е подобро да се испрати кај нив пред да биде усвоен.
Законот за употреба на јазиците беше донесен на 15 јануари со 61 глас од парламентарното мнозинство. Опозијата не беше присутна на седницата. Законот повторно ќе биде ставен на гласање пред пратениците на 29 јануари, откако претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово прогласување и го врати назад со забелешки на текстот, образложени на 14 страници.
Далиборка Демјанска