
ВМРО-ДПМНЕ очекува Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекува претседателот Иванов да не го потпише Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците што вчера беше изгласан во Собранието. Указот веќе стигнал на масата на Иванов, но од неговата канцеларија засега нема одговор дали претседателот ќе го употреби правото на вето.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не испратиле официјално барање до Иванов тој да не го потпише указот.
„Со овој закон се врши фаворизирање на само една етничка заедница-албанската, додека сите други се маргинализираат. Можноста судските, управните, кривичните и парничките постапки да се водат на еден од двата јазици ја релативизира официјалноста на македонскиот јазик“, вели Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ Законот е противуставен, но и надвор од Рамковниот договор.
„Двојазичноста на униформите на полицијата, на здравствените работници и на пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот, двојазичноста може да важи во локални, а не во државни институции. Законот го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од истиот“, вели Костовски.
Законот предвидува покрај употребата на албанскиот на централно и на локално ниво, парите и поштенските марки да имаат албански симболи како и униформите на полицијата, пожарникарите и лекарите да бидат двојазични.
Во брифинг за новинарите, координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев рече дека откако Законот ќе стапи на сила одредбите за парите и за униформите, ќе бидат испратени до Венецијанската комисија. Откако ќе се добие мислењето на комисијата забелешките како и амандманите на СДСМ ќе се вградат во законот.
Тунтев појасни дека ако Иванов во рок од 7 дена не го потпише указот тој ќе се врати на гласање во Собранието кое може да го донесе Законот со просто мнозинство. Потоа Законот ќе стапи на сила без потреба Иванов да го потпише.
Во своето предновогодишно обраќање во Собранието Иванов го критикуваше законот нарекувајќи го противуставен.
Александар Манасиев