
ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за злоупотреба на европските фондови, Димова со одговор-Монти Пајтон не им е рамен
ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека милиони евра од европските фондови се злоупотребуваат преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Обвинувањата ги темелат на фактот дека парите постојано ги добиваат исти организации, а податоците од добиените грантови се кријат.
Оваа агенција во 2018-та година располагала со буџет од 6 милиони евра, а поголемиот дел од колачот, според нив, го поделила на невладини организации блиски до владата и лица кои биле дел од судската власт.
Андоновски вели дека вмешани лица толку биле охрабрени што дури и преку електронска пошта барале процент од парите за посредување.
Прашува и дали оваа Агенција е контролирана од невладина организација блиска до директорката Лидија Димова и актуелни министри, како и дали се доделуваат огромни суми на подобни луѓе од правосудниот свет, со цел нивно придобивање?
Не откри имиња, но побара органите на прогонот да истражат, каде завршиле стотици илјади евра, трошени и на сомнителни набавки.
За Димова овие обвинувања се смешни и имаат цел да се нанесе штета пред одлуката за добивање на датум за преговори со ЕУ.
Димова ги кани ВМРО ДПМНЕ, за кои вели дека имаат развиена фантазија, да присуствуваат на следната обука за програмата Еразмус+ како би им се разјасниле процедурите и правилата.