ВМРО ДПМНЕ обвинува дека се подготвува грабеж со новиот клинички центар

Фактот што министерството за финансии ќе земе кредит од 500 милиони евра  кај австриски банкарски конзорциум, под комерцијални услови, наместо кај Европската банка за обнова и развој, ги подгреа шпекулациите дека новиот клинички центар ќе биде најскапиот проект во  историјата на државата. Владата не ја открива каматата и условите под кои го зема кредитот, како и колку ќе бидат дополнителните буџетски вложувања за патишта и комунални приклучоци.

Денеска реагираа и од ВМРО ДПМНЕ, обвинувајќи дека се подготвува грабеж од причина што воопшто не е сеедно дали ќе се земе кредит од комерцијална или од развојна банка.

Прашуваат и дали владата има план за реновирање на стариот Клинички центар додека се чека изградбата на новиот, што ќе трае најмалку седум години? Го повикаа министерот Филипче да му се спротивстави на Заев и да не дозволи изградба на прескапиот Клинички центар, на кој не веруваат дека ќе му биде поставен камен темелник во мандатот на оваа влада.  

Од СДСМ кусо изјавија дека продолжуваат со планот.

Децениската идеја за клинички центар надвор од Скопје првично требаше да чини 72 милиони евра, па се покачи на 120, за да стигне до 500, без проект и конечна финансиска конструкција.

Центарот ќе се гради во скопската населба Ѓорче Петров, на површина од 104,000 метри квадратни.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ