Македонија ВМРО-ДПМНЕ не сака владини пари за својата кампања
ВМРО-ДПМНЕ не сака да води кампања со владини средства. Со сопствени сили и средства ќе учествува во кампањата, ќе оди од врата до врата и ќе биде против Договорот со Грција, а во моментот кога ќе го дефинира конечниот став околу самиот чин на гласање, ќе им го соопшти на граѓаните. Оваа порака лидерот Христијан Мицкоски ја испрати преку социјалните мрежи.
„Ќе предложам на пратеничката група, доколку постои можност, делот од средствата кои се потврдени за ВМРО-ДПМНЕ, да се пренамени и да се донира за изградба или доградба на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Доколку постои правна пречка, ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од тие средства, ќе побара да се вратат во буџетот и Владата да ги инвестира токму во ова училиште“, рече Мицкоски.
Мицкоски не треба да се грижи, Владата има обезбедено средства за реконструкција и изградба на нови училишта, меѓу кои и гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, возврати СДСМ. Според владеачката партија, лидерот на опозицијата е лицемерен и глуми загриженост.
„Пред да се расфрла со лицемерни ставови, Мицкоски да го соопшти ставот за референдумот. ВМРО ДПМНЕ го условуваше формирањето на ДИК со барањето Закон за финансирање на партиите од буџетот, го доведоа во прашање распишувањето референдум, со години трошеа десетици милиони евра за пропаганда и манипулација, а сега се однесуваат лицемерно и неодговорно“, обвинуваат од СДСМ.
Пратениците од СДСМ ќе се состанат во среда. Имаат намера да формираат коалиција со сите партии и независни пратеници кои поддржуваат позитивен став кон референдумското прашање. Кампања за гласање “за’ најави и ДУИ. „Успешен референдум генерира мир, стабилност, сигурност, владеење на правото, еднаквост, економски развој“, велат од ДУИ. За заокружување на одговорот „за“, ќе водат кампања и пратениците од БЕСА, без оглед дали се во власт или во опозиција, како и Алијансата за албанците. Формално, Алијансата ќе одлучува утре на Централното собрание.
Спикерот Талат Џафери ќе го свика Координативнототело за референдумот во понеделник, за да се договори пропорционален закуп на медиумскиот простор, вклучувајќи ги ставовите „за“, „против“ и „бојкот“. Очекува пратеничките групи и независните пратеници формално да го известат во почетокот на наредната недела. Владата му стави на Собранието на располагање милион и 300 илјади евра. Доколку некоја партија не сака да води кампања, парите остануваат во буџетот.
Соња Николовска



