ВМРО ДПМНЕ не го соопштува ставот за референдумот

ВМРО ДПМНЕ се уште врши консултации кои ќе и помогнат да изгради став за референдумот. На само еден месец пред гласањето, во партијата и во пратеничката група тактизираат, во согласност со најавата на лидерот Христијан Мицкоски дека ставот ќе го соопшти дури на 10-ти септември.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека тоа е легитимна стратегија на партијата, но одолговлекувањето и го намалува рејтингот и остава празен простор за некои други иницијативи, кои може да и станат  конкуренција.

По повикот од СДСМ опозицијата да покаже одговорност за историскиот момент и да покаже дека е за ЕУ и НАТО, од ВМРО ДПМНЕ велат дека  несогласување со капитулантскиот договор не значи неприфаќање на европски вредности. Ја обвинуваат власта дека сака да го прикрие криминалот, грабежот и расипништвото со нови поделби меѓу граѓаните.

Иако не прецизира каква кампања ќе има ВМРО ДПМНЕ, Јанушев вели дека средби со граѓаните има постојано. Не се прецизни и во пратеничката група. Единствена одлука им е да не ги користат собраниските пари за својата кампања. Единствениот што изнесе став е Антонијо Милошоски. И денеска вели дека ќе агитира за бојкот, без разлика дали Собранието ќе му додели средства или не.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ