
ВМРО ДПМНЕ најавува ревидирање на законот за одбрана, ако победат на изборите
Пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ Емил Димитриев, го обвини СДСМ дека тие го кочат носењето на законот за одбрана и за служба во АРМ, бидејќи намерно искреирале криза со менувањето на името на армијата.
Тој најави дека ВМРО ДПМНЕ ќе поднесе предлог на измени на законот за одбрана со цел името да не се менува. Ако ги добиеме изборите ќе го ревидираме законот, рече Димитриев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митровски денеска ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека го блокираат носењето на законот за одбрана на, како што рече, крајно лицемерен начин и на штета на државата и членството во НАТО.
Претходно, пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ информираше дека поднела измени на Законот за одбрана, но без членот што се однесува на промена на името на Армијата.
Според Митровски, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивните политики кои се на штета на граѓаните на Република Северна Македонија.
- Со своето однесување ВМРО-ДПМНЕ го крши Уставот на државата и го става под ризик нашето членство во НАТО и создава ризик да испровоцира ново вето од Грција, обвини координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Лицемерно е, додава тој, на Мицкоски и на пратениците да им пречи името Република Северна Македонија кога државата треба да стане 30. членка на НАТО, а да не им пречи кога во Европската народна партија се партија од Република Северна Македонија.
Митровски ги повика пратениците од опозициската партија да го поддржат законот за одбрана и да ги прекинат, како што кажа, политиканските лицемерни игри. – Уставното име на нашата држава е Република Северна Македонија. Преспанскиот договор и уставните измени се клучен елемент во процесот на нашето зачленување во НАТО, без Договорот нема НАТО, тврди Митровски.