
ВМРО-ДПМНЕ најави позитивна кампања, но не ги поштеди од обвинувања СДСМ
Со објава дека нема да одат од врата до врата, но ќе одат пред дворовите на граѓаните и пред нивните згради ВМРО-ДПМНЕ денеска ја започна изоборната кампања под слоганот „Обновата доаѓа“. Носителите на изборните листи на партијата од утро до мрак денеска низ цела држава започнаа средби со граѓаните при што најавија водење позитивна кампања, но истовремено не ги поштедија од обвинувања политичките противници.
„Независно за кого го дале гласот на изминатите избори – сите сте ни потребни. Ние сите заедно сме Македонија. Некој ни ја свитка кичмата, ајде сите заено да ја исправиме. Таа кичма може да ја исправиме само ако го победиме ова зло, наречено СДСМ. Ќе идам со граѓаните со народот. Они со нивните багабонти, криминалци, а јас со овие прекрасни луѓе“, рече Владо Мисајловски, носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ2.
Мисајловски кој кампањата ја започна од пред црква во Ѓорче Петров порача дека во идните 20 дена ВМРО-ДПМНЕ ќе докаже дека е најдобрата и најорганизираната партија.
Носителот во 4 Изборна единица, Александар Николовски, пак изборната кампања ја започна во Струмица од каде, како што рече е потребно да почне промената во земјава.
„Во Македонија имаме повеќе од тригодишно владеење кое што е окарактеризирано со национални опустошувања, економско уназадување и корупција која што цвета. Се обврзуваме со нашиот тим, на чесни луѓе, дека во следниот четиригодишен период ќе реализираме преку 1.000 проекти за доброто на Македонија. Наш главен фокус ќе биде економијата“, рече Алексанадар Николовски, носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ4.
Николовски рече дека доколку победат на изборите ќе имаат нулта толеранција за корупцијата и криминалот, ќе ги намалат даноците, а ќе доснеат четири милијарди евра инвестиции во инфраструктурата.
Тамара Грнчароска