ВМРО ДПМНЕ на претседателските избори ќе оди со Гордана Силјановска Давкова

Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната конвенцијата во Струга со 408 гласа ја избраа професорката Гордана Силјановска Давкова за кандидат за претстојните претседателски избори.

„ Заевизмот не е само авторитаризам, заевизмот е ментална матрица: „Кажувам заборавам негирам“– рече Гордана Силјановска, во својот говор.

Претседателските избори се вистинска шанса да се урне „хибридниот режим“, додаде таа.

Порача дека бојкот на претседателските избори не е решение, затоа што власта ќе добие в.д. претседател, а потоа и ќе изгласа закон со кој шефот на државата би се бирал во Собранието. Во говорот таа најави дека ќе фомира експертски тим, од домашни и меѓународни експерти за Меѓународно право, затоа што промената на името не е завршена приказна и помош треба да се бара во меѓународното право. Исто така најави дека ќе бара почесто да се обраќа во Собранието, посебно кога ќе стави вето на неуставни закони и ќе бара тоа да го објасни пред пратениците.

Делегатите на Конвенцијата со аплуази го прекинуваа и говорот на Силјановска.

На конвенцијата за кандидати беа пријавени и Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовски, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков. Тие имаа 15-минутни обраќања во кои ги изнесоа своите визии и програми.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ