ВМРО-ДПМНЕ ќе бара Богоевски да не ја води комисијата за мандатот на Груевски        

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе побара Павле Богоевски да се изземе од  Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања и во понеделник друг да заседава со неа, дознава Телма .

Партиски извори велат дека Богоевски нема морал и кредибилитет да ја води седницата на која треба да се одземе мандатот на Никола Груевски.

Поради ова наместо конструктивна расправа може да се очекува  седницата да помине во тензична атмосфера со бројни политички препукувања и да трае  15 дена.

Неизвесно е каков ќе биде епилогот и дали ќе  успее владејачкото мнозинство  да  обезбеди 80 гласови за одземање на мандат на Груевски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема изградено став.

Сметаат дека се работи за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и најавената реконструкција на владата.

СДСМ очекува сите пратеници да гласаат да му се одземе мандатот на Груевски затоа што според Деловникот исполнет е условот од шест месечно неоправдано отуство од работата на Парламентот.

“Не гледам зошто во овој случај кој било пратеник, независно дали е од парламентраното мнозинство или од опозицијата би имал дилеми како да постапи и гласа.Затоа очекувам дека сите пратеници, доколку навистина се залагаат за правда и за целосно почитување на законите ќе гласаат на Груевски да му се одземе мандатот” – вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

ДУИ ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски.

Осумтемина од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се уште тактизираат и не соопштуваат како ќе гласаат.

Никола Груевски кој има политички азил во Будимпешта е неоправдано отсустен повеќе од шест месеци со што се исполнети сите услови за одземање на мандатот .

Јулијана  Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ