
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува полицијата дека не презема ништо за синоќешниот инцидент
Влезот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ утринава беше исчистен. Но, на страничните ѕидови сеуште стојат траги од црвена и жолта боја. Најмалку 7 безбедносни камери регистрираше камерата на Телма. Дали ноќеска работеле, што снимиле, ги има ли напаѓачите со боја дали ги предале на полицијата на денешните прес конференции од партијата не открија. Велат, има 16 часа молк од институциите и очекуваат токму МВР да ги открие и посочи сторителите. Ја обвинија власта дека спроведува сценарио диригирано од премиерот Зоран Заев.
„Според нашите непотврдени информации на вчерашниот инцидент му претходела една средба пред неколку дена во едно познато скопско кафуле на која присуствувал еден градоначалник од редовите на СДСМ, еден многу близок вработен во кабинетот на друг градоначалник и неколкумина лица со дебело полициско досие. Според нашите неофицијални информации тие лица биле убедувани да се инфилтрираат на протестите за името и да предизвикуваат насилство за кое подоцна ќе се обвини ВМРО-ДПМНЕ“ кажа Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Полицијата истражува кој ја обои белата куќа на ВМРО-ДПМНЕ. Во денешниот билтен информираат дека од партијата телефонски пријавиле во полиција околу 23 часот дека врз објектот од страна на непознати лица била фрлена боја по што бил направен увид. Од МВР најавија дека ќе ги преземат сите мерки за да го расчистат случајот.
Од СДСМ го осудија нападот врз централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ и секаков друг вид на насилство којшто ја загрозува безбедоста и очекуваат надлежните институции да го расчистат случајот.
„Како одговорна партија, отфрламе каква било поврзаност со случајот, СДСМ никако не може да биде виновен за поделбите внатре во опозициската партија. ВМРО-ДПМНЕ мора конечно да ја напушти поразената матрица на конфликт, деструкција и поделби, да покаже елементарна политичка одговорност и во интерес на граѓаните да се одлучи за македонската иднина“ стои во соопштението на СДСМ.
Единствена Македонија на Јанко Бачев пак ја повика најголемата опозициска партија да не бара да се откријат оние што фрлаат боја затоа што ќе видат дека седиштето на ДПМНЕ го офарба ВМРО, стои во соопштението. Генералниот секретар на партијата Јанушев ова обвинување го коментира дека и тоа е дел од сценариото на власта за да се дискредитира ВМРО-ДПМНЕ и да се дефокусира од договорот со името.
Од МВР информираат дека синоќа привеле и 10 лица синоќа во центарот на Скопје откако кај нив пронашле пиротехнички средства, боксирач, скалпер, фантомки, заштитни маски со филтер и други предмети. Информираат и дека во текот на ноќта приведените биле пуштани од полициски станици, но се најавуваат соодветни пријави. Дополнително од полицијата известија дека за време на протестот, повеќе лица со маски и фантомки фрлале камења кон полицискиот кордон, но веднаш потоа избегале кон Жена парк.
Елена Ивановска Мукоска