
ВМРО – ДПМНЕ ја напушти седницата за одземање на мандатот на Груевски
ВМРО – ДПМНЕ ја напушти расправата во собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, каде на дневен ред е барањето од судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“.
На самиот почеток за збор се јави Трајко Велјановски кој рече дека пресудата за Груевски е политички мотивирана во која нема доказ за направена штета на државата. По што седницата продолжи со работа.
Претседателот на собраниската комисија Павле Богоевски рече дека Груевски е недостоен за вршење на пратеничката функција.
Груевски најдоцна до утре треба да се јави во затворот во Шутка. Тој експресно ја обжалил одлуката на судијата за извршување санкции за одбиената молба за одложување на затворската казна. Кривичен совет до петок треба да ја донесе конечната одлука. Ова е последната можност за одложување на казната пред случајот на стигне во Врховниот суд.
Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.
Со овој член од собранискиот Деловник е предвидено Предлог за одземање на мандатот на пратеник да поднесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Незивесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.