ВМРО-ДПМНЕ го уценува Заев со измена на Кривичниот Законик?

Пред камерите се води битка за пржинска влада и за ДИК потребна за референдум, зад завесата- се разменуваат предлози за измени во кривичен законик и различни ставови за амнестија на обвинети и осомничени функционери. Претставници на опозицијата имале предлог со кој барале промена во кривичниот законик за делото злоупотреба на службена положба и овластувања. Информацијата за Телма ја потврдија високи партиски извори и од власта и опозицијата, но со различни толкувања. ВМРО-ДПМНЕ предлага промени во кривичното дело во склоп со законот за финансирање на политички партии за да се прецизира кривичната одговорност на поединци доколку сториле нешто противзаконски, а со тоа да се спречо прешироко толкување на поимот на злоупотреба на службената положба. ВМРО-ДПМНЕ предложило и да се намалат затворските казни за делото. Од друга страна власта гледа обид за скриена амнестија на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои сега се обвинети за злоупотреби. Доколку предлогот помине тогаш обвинетите пред се во случаите на СЈО, поради намалувањето на затворските казни во законот, побргу ќе им застарат кривичните дела и воопшто нема да одговараат, оценуваат извори од СДСМ. Политичките лидери по лидерските средби не спомнуваа јавно за овој предлог иако во изјавите ги искажаа своите ставови.

Слишен став има и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој писмено ни одговори дека со неточно брифирање премиерот Заев ги прикрива штетите од договорот со Грција.

„Гледате што се случува секојдневно. Судиите и судовите се целосно покриени од страна на власта. Клиентелизмот на судската власт не бил никогаш на ова ниво. Затоа власта манипулира и дезинформира дека ВМРО-ДПМНЕ барало каква било амнестија“, вели Јанушев.

Делото злоупотреба на службена положба со високите затворски казни во македонскиот кривичен законик е воведено пред повеќе од две децении. Најголем дел од таканаречениот криминал на белите крагни, односно функционерски криминал во Македонија се гони по тоа дело. Со години пак има сомежи и јавни обвинувања дека злоупотребата се користела како инструмент за политичка борба. Доколку има промени во висината на казната повеќе од десетина обвиненија на СЈО против поранешни функционери може да застарат и тие да бидат ослободени од гонење.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ