
ВМРО ДПМНЕ го обвини Заев за бизнис во полза на братот
Екс градоначалникот на Струмица Зоран Заев продал државно земјиште на кое неговиот брат Вице Заев гради згради и стекнува милионска имотна корист, објави ВМРО ДПМНЕ. Постапката е чиста, а Мицкоски е лош актер влезен во филмот на Груевски, возврати СДСМ.
Парцелата голема над 18 илјади квадратни метри е оттуѓена од државата во декември 2014-та. Ја купил на аукција за 2 илјади 300 денари по квадрат единствениот понудувач, Сашко Брндевски, објаснува Христијан Мицкоски во видео обраќање. Тогашниот градоначалник Зоран Заев дава одобрение таму да се градат осум седумкатници. Во 2016-та, Брндевски го пренесува правото за градење на Тотал Инженеринг, во сопственост на Вице Заев и на Пелагонија Струмица, во чиј Управен одбор е братучедот Трајче Заев. Истата година, овие две фирми стануваат инвеститори а Брндевски, кој според ВМРО ДПМНЕ бил само параван во бизнисот, добива стан од 40 квадрати како надомест.
Мицкоски апелира Јавното обвинителство да ја испита постапката и потеклото на 700 илјади евра со кои е купена парцелата.
За СДСМ, ова се неосновани и празни обвинувања на Мицкоски, слични на оние на Груевски.
„Во 2014-та, ВМРО ДПМНЕ имаше целосна контрола врз институциите и доколку постоеше најмало сомневање за сторен криминал од Заев и неговото семејство, веднаш ќе беше процесуирано. Беа направени стотици контроли врз работата на општина Струмица и не беше најдено ништо незаконско. Затоа, несериозно и неодговорно е денес, 4 години подоцна, Мицкоски да се обидува да оживува потрошени, лажни и наводни афери измислени од ВМРО ДПМНЕ“.
Целата постапка е транспарентна и во интерес на општина Струмица и на економијата, тврди СДСМ.
Соња Николовска