ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи седумте пратеници кои гласаа за отворање на уставните измени

Елизабета Канческа Милевска, Емилија Александрова, Нола Исмаиловска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Муковски и Зеќир Рамчиловиќ од вчера не се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на вонредна седница ги исклучи од партијата, само еден час откако гласаа да се отвори расправа за уставните измени. Ова не е одлука на народот, ова е акт на насилство над државата, рече лидерот на партијата Христијан Мицковски

Денес се случи тажен ден, црн петок, најцрн во демократијата. Имаше луѓе кои се бореа за Македонија и такви кои беа против. Вољјата на референдумот беше погазена од две третини од пратениците, но и од осум од опозицијата кои тргнаа против вољјата на народот, рече Мицкоски.

На ваквиот став претходеше долг и неизвесен ден во парламентот дали ќе се обезбеди  двотретинско мнозинство. По девет часа преговори и натегања се гласаше, по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа поименично изјаснување на присутните за да не се повторат, како што рекоа, некои ситуации од минатото кога затаила техниката. Станаа од столчињата и застанаа покрај ѕидот, оставајќи ги осумте опозиционери сами на десната страна од собраниската сала.

Мицкоски тврди дека на ваквото изјаснување на седумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ претходеле притисоци и закани, ветувања за ослободување од обвиниенија а биле нудени и пари. За ваквиот чекор на осумте пратеници јас не ги оправдувам, рече тој, без разлика што над глава им висат обвиненија кои може ќе ги чинат слобода. Обврската кон граѓаните е поважна од притисоците и заканите на Заев.

Тој денеска донесе уценети луѓе, ги донесе од влез од кој никогаш не влегувале, тоа збори за неговите намери. Имаме пратеничка што до пред три дена дискутираше за амандмански измени а после за 180 степени и се смени мислењето. Мислите дека во овие три дена таа се просветли, наеднаш разбра дека ова е добро за иднината на Макеоднија?, категоричен е Мицкоски.

Заев според Мицкоски, на сила пристапи кон преименување на државата. Ова не е пораз туку почеток за Македонија, ова е почеток на крајот на Заев и неговата срамна улога во историјата.

Заев сега избега од избори, ама ќе дојдеш еден ден, ќе те победам, без разлика дали сега или на други избори, ќе добиеш жестока казна од народот, тврди лидерот на опозицијата.

По вчерашните случувања во собранието, Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Јове Кекеновски побара да се одржи вонреден партиски конгрес, на кој ке се одлучи дали  ВМРО-ДПМНЕ ќе биде партија или движење, дали ќе функционира како злосторничко криминално здружение или ќе се врати на демокрасткиот колосек. На државата и треба ВМРО-ДПМНЕ прочистено од криминални структури, кариеристи, послушници, бандити, непринципиелни персони, желни за власт и сопствен комодитет, пишува во нивната реакција.

Потребно е да се понесе одговорност зошто не се послуша советот на фракцијата , пратениците да си поднесат оставка од функцијата поради реална опасност и можност од уцена, закани и нивно купување. Актуелното раководство на ДПМНЕ свесно и намерно ги доведе дел од пратениците во таква ситуација. Потребена е политичка одговорност за водењето на калкулантската политика. Не може да се води најголема опозициона политичка партија од луѓе кои со едно око му намигнуваат на членството, а со друго на политичкиот противник и меѓународната заедница, а зад грбот на сите штитат криминални партиски структури

Освен пратениците од владеачкото мнозинство, вчера „за“ гласаа пратениците кои се обвинети во предмети на СЈО и за настаните од 27 април. Василевски, Муковски и Арнаудов неделава беа ослободени од куќен притвор а судот им одреди мерка на претпазливост.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ