
ВМРО-ДПМНЕ доставила 65 амандмани за законот за СЈО, министерството негира
ВМРО-ДПМНЕ доставила 65 амандмани до министерството за правда за законот за јавното обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО, истакна вечерва лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски во ТВ дуел со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Од министерството за Телма рекоа дека до денеска нема пристигнато допис до нив од ВМРО-ДПМНЕ.
Спротивставувајќи ги ставовите во однос на законот за јавно обвинителство и двајцата изразија желба да се постигне компромис, но сепак имаат различни мислења за тоа како специјалното обвинителство треба да продолжи да работи.
ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да стане оддел кој ќе се занимава со висока корупција во рамки на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, додека СДСМ смета дека тоа треба да остане посебно обвинителство во рамки на јавнообвинителскиот систем, кое ќе одговара пред државниот јавен обвинител.
Овој закон за јавното обвинителство не подразбира постоење на СЈО како автономно, туку негово инкорпорирање во Јавното обвинителство. Ако досега ова СЈО биде инкорпорирано во ЈО и му бидат оставени истите ингеренции не сме ја постигнале целта, имаме еден орган со права и без обврски. Имаме сиромашен буџет, ајде да го споиме со Обвинителството на гонење на криминал и корупција и да имаме еден оддел, кој ќе биде оддел за висока корупција, истакна Мицкоски во првиот дел од ТВ дуелот, кој е посветен на правната држава и реформите, рече Мицкоски.
Престојните претседателски избори беа исто така тема на дуелот. И двајцата се убедени дека токму нивните кандидати ќе победат на изборите. Мицкоски рече дека ќе го држи за збор Заев кој најавил предвремени избори доколку Пендаровски биде поразен на претседателските избори. Заев не се сеќава дека дал таква изјава но во случај да загуби нивниот кандидат ќе се согласат на избори. За возврат го праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе си поднесе оставка од лидерската функција во партијата, доколку загуби нивниот кандидат Гордана Силјановска Давкова, на што не доби конкретен одговор.
Јас верувам дека ќе победи Пендаровски, зад него се сите етнички заедници, здружени, а ако не победиме подготвен сум со опозцијата да разговарам за предвремени парламентарни избори, но при тоа овозможувајќи да се донесе одлуката во ЕУ, да се отворат поглавјата, да се донесе позитивна одлука за Република Северна Македонија. Ако Пендаровски не победи на изборите тоа и дава кредибилитет на опозицијата да повика на предвремени избори, рече Заев.
Очекувано и Договорот од Преспа беше една од точките каде лидерите на двете најголеми партии го судрија ставовите. За Мицкоски договорот останува штетен и посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на исправање на последиците од него, не одговарајќи директно дали кога би се вратиле на власт ќе го поништат договорот или не.