
ВМРО-ДПМНЕ бара правда за 27-ми април
ВМРО-ДПМНЕ бара нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот и која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите околу упадот во Собранието од 27-ми април.
По повикот на премиерот Зоран Заев од собраниската говорница за помирување околу настаните за 27-ми април, генералниот секратер на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев ги нарече настаните од 27-ми април политичка хајка и побара правда за обвинетите.
„Ова јасно покажува дека власта не само за 27-ми април, туку и за други случаи против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка само за да тргува за нивната слобода. Крајно неморално и крајно неетички.
Ова е исто така и порака до судскиот систем и обвинителството. Им се суди на невини луѓе, тоа не се терористи. На овие луѓе им е потребна правда, на Македонија и е потребна правда и правичност, не политички монтирани и фабрикувани случаи.
Заев треба да им се извини на семејствата кои се под политички прогон, режиран токму од самиот Заев и власта.
Ова мора да престане и само така може да има помирување.
Правдата мора да стигне и затоа бараме нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот и која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите. Еве прилика на Заев да докаже дека е за вистинско помирување и за правда без никакво условување.
Ослободете ги луѓето од политичкиот прогон и од притворот и овозможете правда за овие луѓе со гаранција на нивната презумција на невиност.“, рече Јанушев.
М.Д.