
Влезот во НАТО ќе влијае позитивно врз економијата, вели гувернерот Богов
Доколку Македонија влезе во НАТО, тоа ќе ја ослободи од политичкиот ризик и ќе креира подобри услови за економски развој, оценува гувернерот Димитар Богов. Извештаите на сите рејтинг агенции во претходните години покажуваат дека политичката нестабилност долго ја мачи земјава.
Првиот човек на централната банка смета дека се уште е рано да се каже дали економијата годинава ќе го оствари предвидениот на раст од 3,2 отсто, откако лани стагнираше. НБМ во моментов ја прави новата рунда проекции, ќе ги објави на стартот на мај. Од почетокот на годинава извозот оди одлично, многу над очекувањата, што значајно ќе придонесе за повисок раст.
Богов со своевидна поостра порака до актуелната власт, од чие парламентарно мнозинство, пак, зависи дали би добил уште еден гувернерски мандат. Извозот, вели, најмногу пораснал во зоните, кои таа во опозиционерските денови жестоко ги критикуваше.
Растот годинава најмногу ќе зависи од инвестициите, но најголем проблем за нив е што се уште не се гледа значително враќање на довербата кај реалниот сектор. Ако тоа се случи, компаниите ќе инвестираат, тоа ќе ја зголеми и побарувачката за кредити, а банките имаат доволно потенцијал да го поддржат тој кредитен раст. Народна банка пред еден месец ја намали камата, бидејќи инфлацијата е ниска, а девизните приливи солидни. Банките изразиле оптимизам и најавиле дека ќе го следат нејзиниот сигнал, но ќе водат сметка и за политичката состојба. Наредните еден до два месеци ќе имаме многу појасна слика, вели гувернерот.
Нина Нинеска-Фиданоска