
Влезот во НАТО чека успешен референдум за името
Министерката за одбрана не очекува крупни проблеми откако експертските тимови на НАТО ќе дојдат во Македонија. Се надева дека скринингот ќе почне многу брзо, веднаш по поканата за влез во НАТО, за која е убедена дека ќе ја добиеме на Самитот во Брисел во четврток или петок. Во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека најверојатно потоа ќе следи да се завршат само некои транзициони обврски. Со поканата се отвора интензивен процес на пристапување што ќе трае неколку месеци.
„Во ситуациите со Црна Гора, со Албанија и со Хрватска коишто претходно се зачленија во НАТО тој период траел обично околу три до шест месеци и ние очекуваме дека и во нашиот случај нема да има крупни прашања коишто дополнително треба да се решаваат. Со моментот на потпишување на пристапниот договор дури и пред тој да биде ратификуван оти и НАТО одлучува на крај со поддршка на сите земји членки, дури и пред да се случи ратификацијата во парламентите на сите 29 членки, Македонија веќе ќе седне на масата на НАТО“ кажа Радмила Шеќеринска, министер за одбрана.
Сепак, и да почне процесот, членството на крај пак ќе зависи од референдумот. Земјите членки ќе почекаат со ратификацијата во нивните Парламенти додека не го видат резултатот од граѓанското изјаснување.
„Секоја покана е условена, додека не се ратификува истата. Самата процедура тече и може да потрае една година. Република Македонија мора да ги исполни обврските коишто произлегуваат од Договорот од Преспа. Ќе се чекаат резултатите од референдумот, меѓутоа сите се оптимисти дека тоа ќе биде решено и Македонија ќе стане 30 членка на НАТО алијансата“ кажа Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
Ако граѓаните се изјаснат „за“ на референдумот, Ружин очекува првата ратификација да се случи во грчкиот Парламент.
„Исполнет е условот за комуникето од 2008 година за да се најде обострано прифатливо решение за името. Оттогаш ние немаме никаков проблем такашто се претпоставува дека меѓу последните ќе бидат САД, а меѓу првите како гест на добра волја, мислам дека ќе биде грчкиот парламент“ кажа Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
Доколку граѓаните, пак, кажат „не“ на референдумот, според изјавите и на експертите и на државниот врв, целиот процес за влез во НАТО пропаѓа, а Македонија се враќа на старите позиции.
Далиборка Демјанска