Власта оптимист, опозицијата песимист за реформските закони

СДСМ е оптимист дека наредната недела во Собранието со консензус ќе бидат изгласани преостанатите реформски закони, но ВМРО ДПМНЕ не се сигурни дека еден викенд е доволен за да се „испеглаат“ разликите.

Според владеачката партија, постои висок степен на усогласеност, дури и по едно од најсложените прашања во законите за судови и за судски совет, а се однесува на евалуацијата и одговорноста на судиите. Според СДСМ, техничка е причината што вчера не беа изгласани сите закони од реформскиот пакет.

Уште помалку разногласие Ременски гледа кај законите за јавно обвинителство и за кривична постапка, кои се усогласување со другите закони во воведувањето надворешна контрола врз полицијата, што претставува европска директива. Но, опозицијата не смета дека има сериозни разидувања.

„Ние имаме суштински забелешки на предложените закони. Ако не се прифатат, не можеме да дадеме поддршка. Поради сериозните разлики, не сум сигурен дека во наредните два дена ќе успееме да се усогласиме. Нашата намера е да се подобри текстот на законите, како што нашите амандмани ги подобрија  законите донесени вчера“, кажа Драган Данев, ВМРО ДПМНЕ.

Данев не сакаше да прецизира по кои прашања се уште постојат разлики. Вчера со 86 гласа едногласно беа донесени законите за Оперативно-техничката агенција, за следење на комуникациите и за заштитени сведоци. Во понеделник, во матичната Комисија за политички систем веќе е ставен законот за судови, што значи можност за амандманско дотерување. Двете партии најавија дека во деновите од викендот ќе се обидат да постигнат целосна согласност, за да може наредната недела да се заокружи целиот пакет закони.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ