
Власта не може да се договори за нова антикорупциска комисија
Се поизвесно е дека антикорупциска комисија пред претседателските избори нема да се избере. На денешната седница на комисијата точката за избор на петмина членови беше тргната. Пратениците од владеачката коалиција не можеа да се договорат дали се подготвени денеска да се одлучи кои ќе бидат новите антикорупционери од пристигнатите 39 апликации.
Веќе 10 месеци комисијата за спречување корупција не функционира бидејќи 5 мина од 7 темина членови си поднесоа оставки поради скандалот со трошењето пари од буџетот на комисијата. Власта најави нов закон со кој членови ќе бидат експерти кои треба да исполнуваат повеќе критериуми, а претседателот на комисијата ќе се бира на јавно интервју. Но во меѓувреме пратеникот и претседател на комисијата за избори и именување Илија Димовски предложи додека да се донесе овој закон дека мора да се пополнат испразнетите места по стариот закон.
Инаку на огласот што го распиша Собранието пријавени се 39 кандидати, меѓу кои поранешниот Јавен обвинител, Александар Наков, маја Малахова, поранешна судијка и претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Злате Димовски од Факултетот за безбедност, Адвокатот Ангеле Илиевски кој го бранеше Зоран Верушевски, Чедомир Дамјановски од Лустрациската комисија и други. Сега Комисијата за избори и именувања ќе ги извести сите пратенички групи да се координираат и да одлучат дали ќе се бираат нови членови по стар закон или ќе се чека новиот.
Билјана Николовска