Власта и опозицијата во кавга за акцизата на дизелот

Власта и опозицијата во жестока кавга за акцизата на дизелот и маслото за греење, познато како црвена нафта. Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ предлага оваа давачка законски да се намали за три денари, со што ќе се сведе на нивото пред Владата да ја зголеми од стартот на оваа година. Опозиционерите тврдат дека на овој начин ќе им се излезе во пресрет на граѓаните, чии трошоци биле повисоки, а семејните буџети оштетени, поради зголемените цени на горивата за 30 проценти.

„Покачувањето на акцизата влијаеше и на другите транспортни услуги, а не само врз граѓаните, со што има влијание и врз превозниците, транспортерите и бизнисмените“, вели Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНE.

Од Владата, за која предлогот не е прифатлив, велат дека клучна цел им била да се намали загадувањето. Возвратија – не е точно дека зголемената акциза е таа што ги поскапе горивата за 30 отсто, туку растот на светските цени, велат од Финансии.

„Зголемувањето на износот на акцизата од три денари е 6 отсто од цената на нафтата, што е многу пониско од наведениот износ. Врз зголемувањето на цената на нафтата најголемо влијание има зголемувањето на цените на светските берзи, можете да ги проверите берзите, и покрај тоа инфлацијата останува ниска и стабилна, на годишно ниво и во првите три месеци од годинава е 1,5 отсто“, рече Ширет Елези, заменик министер за финансии.

Неодговорно е Владата да ја зголемува акцизата во време на растечки цени на светските берзи, сите експерти од нафтениот бизнис тврдат дека тој нагорен тренд ќе продолжи во оваа и во наредната година, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Мислењето на Владата дека тоа е направено со цел да се намали загадувањето не држи вода, бидејќи ако штетите од покачувањето на цените на горивата за индустријата и траспортот се 40 милиони евра, значи дека прибраните средства се доста повисоки од трошоците направени за обука на 10 оџачари кои се пријавиле на огласот на град Скопје“, рече Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто не се грижевте за граѓаните кога бевте на власт, а цените на горивото со години беа енормно високи, прашаа од СДСМ. Во своја одбрана наведоа дека со овие приходи ќе има повеќе пари за здравството, образованието, гасификацијата, а цената на дизелот во земјава повторно била најниска во регионот.

„Покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните граѓани, бидејќи 60 отсто од сиромашните домаќинства немаат автомобил, па најмногу ќе бидат погодени оние кои возат скапи возила и оние кои имаат автомобил. Акцизата ќе го зголеми општото ниво на цените за 0,2 до 0,3 отсто“, вели Мира Стојчевска од СДСМ.

И додека пратениците се расправаа на Комисијата за буџет, цената на нафтата вчера достигна 80 долари за барел, највисоко ниво од октомври 2014 година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ