Вести Власта и опозицијата оптимисти за проширувањето на ЕУ
Власта и опозицијата со оптимизам гледаат на можноста во наредните месеци европските земји да станат едногласни по прашањето за проширување на Европската унија. Средбата на претседателите Макрон и Пендаровски и информацијата дека Франција веќе подготвила нон пејпер со новата методологија, кај премиерот Заев поттикнува надеж дека Европа ќе се усогласи до самитот во Загреб и дека нашата мотивација може да биде задржана.
Опозицискиот лидер Мицкоски е внимателен во оценката на вчерашната средба на претседателите. Има информација дека се работи за состанок од само неколку минути. Но, знаејќи дека претстојните избори се важен предуслов за Франција, потенцира дека и власта и опозицијата треба да учествуваат во исполнувањето на условот за фер изборен процес.
Вчера претседателот Пендаровски ја пренесе информацијата што ја добил од колегата Макрон: до март треба да се усвои новата методологија за преговори за членство во Унијата. Потоа, треба да се очекува одлуката на Европскиот совет на следниот самит во мај. Нашиот претседател јасно укажал дека Македонија не прифаќа никаква алтернатива на полноправното членство, без оглед на тоа колку години би траел тој процес.
Соња Николовска



