Работните групи на власта и опозицијата утре на средба за СЈО

Една недела од лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски работните групи за законот за јавно обвинителство со кој се решава статусот на СЈО се уште не се состанале. Неофицијално првичниот договор е двете страни да се сретнат утре попладне.

Засега е познато дека од власта ќе ја претставуваат министерката Десковска и нејзиниот заменик Ристовски, од опозицијата лидер на тимот ќе биде адвокатот Тони Менкиновски а во работната група ќе има и други правници.

Владеачкото мнозинство инсистира да се донесе пред извештајот на ЕК, на опозицијата не и се брза, роковите ги нарече ултиматими. Кои се црвените линии на власта со кои ќе се согласи за менување на законот и кои се барањата што опозицијата ги подготвува во форма на амандмани за законот, не се откриваат детали. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нема да се согласат да остане сегашната специјална обвинителка и нејзиниот тим, но велат дека имаат и многу други забелешки на законот.

Премиерот Заев изјави дека целосно ја подржува Јанева и целиот состав на СЈО. Од власта истакнуваат дека законот е изготвен според сите меѓународни стандарди, врз основа на двата извештаи на експертскиот тим на Прибе и со исполнети препораки на Греко и Венецијанска комисија. Во него нема скриена амнестија за никого и приоритет е да се донесе што поскоро затоа што е услов за отворање на преговори со Европската унија, потенцираат од правда изминатиот период.

СЈО со законот се икорпорира во државното обивнителство но добива траен мандат, автономија и нова надлежност да гони висока корупција, но ги губи бомбите како докази за дваесетина истраги и обвиненија отворени по 1 јули 2017.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ