Власта ги очекува ВМРО – ДПМНЕ во Собранието во вторник, тие се двоумат

Заменик – министерот за правда, Оливер Ристовски, е убеден дека пратениците од ВМРО – ДПМНЕ ќе се појават на собраниската седница во вторник, на која треба да се најдат на дневен ред Законот за судовите и Законот за судски совет. Тврди дека измените се веќе усогласени со опозицијата.

Со овие измени се гарантира дека членовите на Судскиот совет веќе нема да можат да го менуваат начинот на кој се унапредуваат судиите. Бодирањето при редовните оценувања на секои две години, се утврдува со табели,кои се вметнати во законот, за да не се остави можност за измена со подзаконски акти и правилници. За опозицијата е спорен делот за дисциплинска одговорност на судиите, кој дополнително ќе се договара.

Од ВМРО – ДПМНЕ, пак сепак оставија простор дека може и да не се вратат во Собранието во вторник. За утре најавија седница на Извршниот комитет на партијата, на која ќе донесат дефинитивна одлука, дали ќе и обезбедат двотретинско мнозинство на владата за реформските закони. Нивни работни групи изминатиот период работеа на законите, но поддршката повторно се најде под знак прашалник, по враќањето во притвор на неколкумина од осомничените за настаните од 27 април.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ