
Власта ги дискриминира жените земјоделки
Жените земјоделки не можат да аплицираат за средства од пет годишната програма за рурален развој. Тие се дискриминирани со критериумите кои предвидуваат субвенции за жени кои се мажени, кои имаат до 40 години и најмалку едно дете, живеат во место со 200 жители и на надморска височина од 700 метри.
Регистрираните земјоделки не можат да аплицираат ниту за парите од ИПАРД бидејки немаат сопствен имот. Иако со години бараат тргање на ваквите услови, власта велат не реагира што ги прави да се чувствуваат заборавени од државата и лишени од правото на породилно отсуство. Бараат од Владата да се подобри социо-економската состојба на руралната жена.
„Да нема пречки за породилното, да се најде начин како тоа да го искористи, да остварува право на пензија, кажа Васка Мојсовска – Национална федерација на фармери.
„Млада сум сакам да инвестирам во бизнисот, но егзистенцијата е тешка. Условени сме со ИПАРД, нелегализирани грла, ниски откупни цени, кажа Снежана Танева – регистриран земјоделец с.Мрзенци.
Министерството за земјоделие ја признава грешката во мерката за поддршка на активен женски член во земјоделското домаќинство. Законите и субвенциите не препознаваат род, велат од таму, секој регистриран земјоделец, има право да аплицира за субвенции за сите три национални програми.
„Спорниот критериум е внесен во националната 5 год. стратегија што треба да почне да се имплементира во 2020 год., но критериумите на оваа мерка ќе претрпат измени.Со цел Министерството да излезе во пресрет на барањата на жените земјоделки , критериумот ќе биде предмет на ревизија и во соработка со релевантните страни ќе се промени и ќе биде дефиниран согласно начелата за родова еднаквост“, соопштија од Министерството за земјоделие.
Од Министерството за труд пак објаснуваат дека ако жените земјоделки се регистрирани како правен субјент, и си ги плаќаат придонесите имаат право на платено породилно отсуство и старосна пензија.
Бројките покажуваат дека 64 % од жените во руралните средини не бараат работа на пазарот на труд, а само 5 % имаат имот или земјоделски машини на свое име.
Виолета З. Стојановска