
Владините партнери изгубени во толкувањето на Законот за јазиците
Дали со законот за Употреба на јазиците, Aлбанскиот јазик станува втор службен јазик во државата? Дали Венецијанската комисија ќе го оценува целиот закон или само одредбите што се однесуваат на двојазичните униформи и пари? Чии се ловориките за носењето на законот? Премиерот, вицепремиерот, министрите и новинарите се изгубија во толкувањата. Деновиве секој си има свој одговор на овие прашања. Вицепремиерот Османи, во Топ тема на Телма објаснуваше дека, иако е испратен целиот закон во Венецијанската комисија, ќе се оценуваат само двете спорни одредби.
Во истата секунда, министерката за правда, во друштво на министерот Оливер Спасовски, напиша на фејсбук дека, на оценување е испратен целиот закон. На прашање од пријател, дали ако Комисијата не даде зелено светло, ќе го сменат законот, Десковска вели „да„.
Од ДУИ велат, „нема шанси да се случи измена на законот, за тоа е потребно Бадентерово мнозинство“. Дополнителна забуна околу толкувањата внесе и премиерот кој во телевизиско интервју изјави дека Албанскиот јазик сега е втор официјален јазик во Македонија.
На прашање на новинарот, зошто тогаш пред неколку дена владата објави соопштение дека Македонскиот јазик е единствен официјален јазик, Заев рече „да бидам искрен, не сум го видел тоа соопштение“. Но, соопштението одеше на сите медиуми.
Коалиционите партнери се расправаат и околу тоа, чија е заслугата за носењето на законот. Додека ДУИ тврдат дека тоа е исклучиво нивен проект, премиерот изјави дека „некои политичари сакаат да се китат со туѓи перја“. Овој закон, рече, колку што е на ДУИ е и на СДСМ, на него самиот, на БЕСА и на целата коалиција.
И додека трае целиот овој хаос, ДУИ веќе почна да држи прес конференции исклучиво на Албански јазик, без превод.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, најави дека, кон крајот на месецот и тој ќе почне да ги води седниците на Албански јазик. Чека да се подготват собраниските служби, но потсети дека и досега ги водел седниците и на двата јазика, иако немаше закон.
Далиборка Дамјанска Цветановска