Фаворизирањето на малите хидроелектрани спорно за невладините

Владината уредба за поддршка на производството на струја од обновливи извори на енергија е спротивна на препораките на Европската комисија и европската енергетска заедница, предупредува невладината Екосвест, со поддршка и од Меѓународната еколошка мрежа Бенквоч. Екологистите укажуваат дека во земјава ќе се стимулира изградбата на хидроелектрани, што само може да ја продолжи нивната експанзија и штета. Од Владата се бара да организира јавна расправа за предложените подзаконски акти.

Уредбата, велат, предвидува и натаму гарантирана  субвенционирана  цена за струјата произведена од малите хидроелектрани, што е против правилата на Енергетската заедница.

„Тоа директно оди во судир со правилата на ЕУ, а тие се важни за Македонија, не само затоа што Македонија сака да стане членка на унијата, туку и затоа што веќе е членка на Европската енергетска заедница и веќе сега има обврска да следи одредени легислативи од ЕУ, вклучувајќи ја и државната помош во секторот енергетика“, вели Филипа Галоп од Меѓународната еколошка мрежа Бенквоч.

Од Екосвест веќе контактирале со Енергетската заедница во Виена, од каде ги потврдиле овие забелешки. Тие за разлика од ЕУ немаат доволно јаки механизми за заштита на препораките, бидејќи немаат можност да изрекуваат казни, но можат суптилно да влијае на банките да недоделуваат пари за изградба на енергетски објекти кои ја нарушуваат животната средина.

Предупредувања стигнуваат и од другите балкански екологисти, велат дека состојбата е слична и во другите држави од регионот, како што се на пример Србија, Албанија, и Босна и Херцеговина.

„Тоа се наши реки кои се уништуваат на овој начин. Но, овде постои и друго ниво на јавниот интерес, а тоа се јавните пари. Кога ќе се изградат хидроелектрани, тие за тоа добиваат субвенции, а за да се изградат, се земаат кредити“, вели Игор Вејновиќ од Бенквоч.

Екосвест бара да прекине изградбата на мали хидроцентрали во заштитените подрачја и во националните паркови. Лошата градежна практика и непочитувањето на мерките кои  биле предвидени со еколошките дозволи, велат, довело до уништени речни корита, нарушени екосистеми, намален водостој и рибен фонд. Се бара и мониторинг и казни за инвеститорите кои не ги почитуваат правилата, а со новите подзаконски акти на Законот за енергетика и за нив да важи субвенционирањето со премиум тарифи.

Според анализите, за осум години, за субвенционирање на малите хидроцентрали биле исплатени околу 62 милиона евра, пари кои преку сметките за струја ги плаќаат граѓаните, бидејќи во вкупниот износ учествуваат со 6,2 проценти.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ