Владата со ребалансот планира да потроши 3,95 милијарди евра, или 54 милиони повеќе од планот
Со ребалансот на Буџетот Владата нема да скрати ниту денар од трошењата од државната каса кои ги испланира уште лани кога немаше ниту најава за светската пандемија со Ковид 19, туку ќе си додаде уште 54 милиони евра за трошење. Па така рекордно највисокиот буџет кој го имала земјава до сега, се „покачи“ и сега ќе изнесува 3,95 милијарди евра. Корона кризата ќе ги намали приходите во буџетот за 11,5 проценти или за 415 милиони евра – се планира да се соберат вкупно 3,2 милијарди евра. И ако со буџетот требаше да фалат 280 милиони евра, сега со ребалансот, сумата која ќе недостасува ќе се искачи на 750 милиони евра или 6,8 проценти од БДП. Се ќе се финансира со еврообврзница и кредити од дома и странство. А се очекува јавниот долг на земјава да се искачи на 58 проценти од БДП. Ангеловска зголемувањето на расходите го правдаше со тоа што не знаела друга земја која кратела расходи за време на криза.
„Тоа е само 1,4 проценти од вкупните расходи, а еве за пример ако погледнеме како останатите земји делувале по основ на приходната и расходната страна ние сме земја која што најмалку споредено со било која земја ги зголемува расходите. Зборуваме за зголемување на расходната странна во србија за 22 проценти, Чешка 7 проценти, Бугарија 2 проценти. Да погледнеме каква е состојбата глобално и дали некоја земја воопшто би пристапила кон надолна корекција на расходната страна, јас таков случај не сме погледнале, не знаеме.“ – изјави Ангеловска.
Со ребалансот останува проекцијата дека економијата годинава ќе падне за 3,4 проценти.За надминување на коронакризата Владата ги дополни буџетите на одредени министрства, а има распределби и за имплементирање на третиот сет мерки за помош на граѓаните и економијата.Се кратат и капиталните расходи за 68 милиони евра, па годинава се препроектирани на 317 милиони евра.
Нема промени во сумата планирана да се потроши за изборите, а со ребалансот не се кратат дополнително ниту парите наменети за политичките партии.
„Нема дополнително кратење ниту за парите за изборите. Со ребалансот нема правено промени во однос на ставките воопшто. Што значи дека со одлуката за прераспределба во ставката во министерството за правда за политички партии беа намалени околу 200 милиони денари и сега со ребалансот во тој дел нема никаква дополнителна промена.“- мизјави Ангеловска.
Владата одлучи да нема кратење ниту во платите на администрацијата, а пензионерите ќе си го добијат и усогласувањето на пензиите за годинава.
Александра Филиповска