Владата сеуште без решение за Архивот, архивската граѓа засега без оштетувања од поплавите

Министерот Алаѓозовски денеска потврди дека владата сеуште нема изнјадено решение за проблемот со прокиснувањето на институциите и опасноста од уништување на материјалите и документацијата од Државниот архив . Причина за тоа, според Алаѓозовски, е сложеноста на проблемот, посебно на грешките направени од претходната владина гарнитура кога ги граделе овие објекти.

Архивскиот материјал во зградата на Државниот архив не е оштетен од неодамнешните поплавувања на објектот, утврди комисија составена од претставници од Владата, Архивот и Јавното обвинителство.

Од владината прес-служба информираат дека комисијата констатирала дека дел од архивскиот материјал од прва категорија, од најголемо национално и историско значење, освен во просториите на новото, се наоѓа и во старото депо.

„За време на увидот констатирано е дека во новата зграда на Архивот архивскиот материјал не е оштетен од неодамнешните поплавувања на објектот ниту, пак, директно е загрозен и дека е целосно заштитен во непропустливи метални сефови. Дополнително, од увидот е заклучено дека има потреба да се направи дополнителна процена на состојбата на микрофилмуваниот архивски материјал со цел да се утврди дали има потреба од негово преместување во старото депо“, информираат од Владата.

Со увидот било констатирано и дека е потребна итна санација на покривот на зградата, со што ќе се спречат понатамошни поплавувања на објектот. Владата го повтори ставот дека насбргу ќе се донесе конечна одлука во насока на трајно решение за наследената ситуација со зградата на Архивот и, како што вели, нејзината комплетна нефункционалност.

Увидот беше извршен по барање на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, која ја предводеше комисијата.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ