
Владата се премисли, ги скрати, па ги врати надоместоците на плата за сите административци
Се побунија пожарникарите, наставниците – а добија сите. Владата вчера ја измени Уредбата, па така наместо да им ги скрати надоместоците на сите вработени во јавен сектор, сега се премисли. Работеле или седеле дома сите административци ќе добијат цели плати, заедно со надоместокот за работен стаж, годишен одмор, ноќна работа, прекувремени сати, за одвоен живот и се она што им пружа закон и колективен договор. За експертите, одлуката е предизборна не економска. Велат не е фер целиот цех од корона кризата да падне на грбот на приватниот сектор.
Оваа одредба го зголемува поголемиот товар да приватниот сектор го плаќа целиот овој трошок кој што треба да се компензира заради Ковид 19. И мислам дека не е фер. Мислам дека ова е преголем товар за приватниот сектор и како економист знам дека оваа фактура или овој цех треба да се плати подеднакво исто и од приватниот и од државната администрација зошто оваа криза не е наметната ни од приватниот сектор ни од државниот сектор ова е пред се здравствена криза мислам дека цехот треба да се подели на два дела.- вели Адеми.
Адеми смета дека со премислувањето, власта докажала дека паднала под влијаниеја, бидејќи сепак оваа е изборна година, во која не е дозволен луксуз да се изгуби ова големо гласачко тело.
Во време кога сите економисти зборуваат дека дупката во буџетот ќе биде 1 милијарда евра јас не мислам дека може да го покрие само еден дел оваа дупка мислам дека и првата мерка која ја предложија тогаш да сенамалат сите плати на една основица од 14.500 денари беше многу добар пример да се покаже добра волја дека сме заедно во оваа криза и сега оваа одредба што пак ја менуваат да можат да се заштитат они како бели мечки не им оди во прилог. – вели Адеми.
Од Министерството за информатичко општество и администрација за „Телма“ објаснија дека надоместоци ќе добиваат сите вработени во јавниот сектор кој брои околу 133.000 лица. Тука влегуваат вработените во органите на државната власт, општините, образование, култура, социјална заштита, спорт, но и вработените во агенции, фондови, регулаторни тела, државни компании.
Во меѓувреме пак Уставниот суд во вторник ќе расправа по 6 иницијативи со кои се оспорени голем дел од владините уредби меѓу кои и таа за додатоците и надоместоците на плати во јавниот сектор. Уставните судии треба да ја оценат уставноста и на Уредбите со кои се скратија на минималец, на два месеци платите на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор. Тука влегуваат и судиите кои јавно истакнаа дека се против одлуката да добиваат 14.500 денари. А ќе се оценува и уставноста на Уредбата со која владата овозжи исплата на платите на вработените во Специјалното јавно обвинителство.
Александра Филиповска