
Владата се надева дека ќе ја испочитува спогодбата со “Макпетрол”
Владата се надева дека ќе ја испочитува спогодбата со „Макпетрол“. Се е трка со рокови, бидејќи спогодбата треба да ја усвои владата и да ја пушти на ратификација во Собранието, кое пак треба да ја усвои за нешто помалку од две недели до 12 февруари, кога поради изборите Парламентот се распушта.
„Не само што разговараме туку и нудиме одредени решенија во владата. Тоа е процес кој што трае повеќе време. Јас очекувам дека наскоро ќе можеме да имаме и конечно решение на целиот овој проблем и со тоа да ги отстраниме сите можности за било какви проблеми кои што можат да се создадат во државата по однос на овој процес.“ –изјави техничкиот премиер, Оливер Спасовски.
Поранешниот премиер Заев пак е свесен дека земјава може да се соочи со санкции од Европската енергетска заедница, но верува дека законот ќе помине во парламентот пред неговото распуштање.
„Прв пат се соочува државата со едно вакво законско решение.Тоа е надлежност на владата но јавното правобранителство кое што е орган во државата вели препорачуваме да оди во собранието. Како препорачуваат институциите така слушаме. Работат правници на правната законска формулација. Веројатно ќе биде по терк на ратификација како што е спогодбата Преспанска помеѓу Северна Македонија и Грција. Овде имаме спогодба помеѓу владата на РСМ и „Макпетрол“ која што е јасна чиста и слична, но мораме да го оформиме тоа преку закон. Законот се работи. Јас верувам дека на следната седница Владата ќе го утврди ваквиот закон ќе го пушти во собранието и верувам дека имаме време.- вели Заев.
И поранешниот вицепремиер Анѓушев пак кој беше директно инволвиран во носењето на спогодбата со медијација од Европската енергетска заедница, вели работев законски и со добра волја да ги решам споровите, особено тој со ГАМА кој не е решен 13 години.
„ Во Енергетската заедница со седиште во Виена бевме на средба заедно со министерот Крешник Бектеши и нашите стручни соработници. Последната информација со која располагам додека бев на функција е дека во фаза беше подготовка на собраниски документи за да се разреши финално проблемот, а парите се обезбедени и депонирани во претпријатието кое е комплетно за тоа НЕР- Национални енергетски ресурси“- вели за „Телма“ поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Инаку, Македонија и Босна и Херцеговина се единствените држави во Европа кои не го исполниле Третиот енергетски пакет.
Александра Филиповска