Владата се крена на нозе – на итен состанок со Германците, тие ги ублажија ставовите

Владата се крена на нозе по лошите оценки од германскиот бизнис или буквално нула задоволни. Вицепремиерот Анѓушев засилен со министрите Тевдовски и Бектеши и директорот на ТИРЗ, Младеновски, утрово на итен состанок со првиот човек на Германската комора, Мартенс, тој да им каже што толку ги налутило германските фирми, што ниту една од 200 во земјава не го оцениле како добро нејзиното работење и посветеност на економијата. Од власта тврдат – ги сфатиле пораките, ќе им бидат патоказ како да се подобрат.

Тие сакаат попредвидлива политика во економијата, на време да бидат информирани за промените во даночниот систем, минимална плата и бараат царинските процедури да се усогласат со европските, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Дека не е толку лошо, Германците го пофалиле законот за финансиска поддршка, дури 78 отсто од компаниите ќе инвестираат и годинава, 41 процент ќе го зголемат извозот, а 39 ќе имаат нови вработувања. Аншушев на секои три месеци имал средба со германските бизнисмени, а на следната ќе учествува и премиерот Заев.

Германската комора денеска ја ублажи реториката, Мартенс дури дојде на друг настан за да каже дека Владата е нивни партнер, но треба заеднички да работат уште подобро за сегашните инвеститори да се задржат овде, а оние што се заинтересирани, да ја одберат земјава во конкуренцијата со регионот, која била многу силна.

Фактот што некоја голема автомобилска компанија го зема предвид регионот за своите инвеститори е знак дека вие работите добро и фактот што е избрана некоја друга земја не значи дека треба да се обесхрабрувате, туку да работите уште подобро, вели Патрик Мартенс, делегација на Германското стопанство во Македонија.

Која е германската компанија што не не избрала, не сакаше да каже. Сепак, призна дека за да одлучат да дојдат, на германските фирми им треба стручна работна сила, а големите играчи кои бараат од пет до шест илјади работници, таква овде веќе не можеле да најдат.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ