
Владата сака да го донесе законот за МНР до распуштање на Собранието
Предлог-законот за надворешни работи влегува во собраниска процедура. Освен зголемување на 80% амбасадори од редот на кариерните дипломати, се предлага политичките решенија за амбасадори да бидат повлечени доколку за тоа постои согласност меѓу владата и претседателот на државата. Измените кои поминаа на владина седница во саботата денеска на фејсбук ги најави и премиерот Зоран Заев.
„Предлагаме ново законско решение за амбасадори, кое ќе ја штити дипломатската служба во иднина, давајќи предност на кариерните дипломати“, напиша Заев на „фејбук“.
Измените на законот кој Владата сака да го донесе до распуштање на Собранието, во делот на дипломатската служба предвидуваат унапредување по автоматизам до ниво на советник, а за највисоките звања ќе биде потребна поддршка од Колегиумот, кој пак како ново тело предложено во Законот ќе биде составено од министерот, заменикот, државниот секретар и четири генерални директори.
Измените на Законот предвидуваат амбасадорите да можат да имаат двојни државјанства, што досега не беше дозволено. А токму двојните државјанства ја отворија пандорината кутија за новата листа на амбасадори кои треба да пополнат 19 амбасади. Дури четворица од нив се со двојно државјанство. Додека не се усвојат измените нивните двојни државјанства се спротивни на Законот.
Неофицијално се тврди дека доколку тие бидат упатени за амбасадори ќе се откажат од второто државјанство. Спорно во тоа е што тие како избрани кандидати за амбасадори до МНР поднеле нотарски заверена изјава дека не се државјани на друга држава, што пак претставува лажен исказ со цел да се стигне до амбасадорска позиција.
Освен тоа едниот од овие кандидати веќе бил амбасадор иако има двојно државјанство. И тој не е единствен такво случај. Неофицијално информации се дека Македонија имала и амбасадор во Германија кој имал германско државјанство, но не и македонско.
Освен со двојни државјнаства на новата листа амбасадори се најдоа и имиња на вработени во МНР од пониските ешалони, но чие дејствување и нанело штета на македонскиата дипломатија. Па така на предлог на ДОМ за амбасадор се предлага поранешна советничка во амбасадата во Рим за која има сознанија дека е директно одговорна за судскиот спор по кој МНР треба да плати штета од околу 250.000 евра. За еден од имињата пак се водела дисциплинска постапка во МНР, со разрешница пред Управен суд.
Најмногу контроверзи на амбасадорската листа предизвика оџата од Дебар кој на предлог на Алтернатива треба да ја претставува земјава во Кина, но доколку претходно успее да ги добие безбедносните сертификати за тоа и агреманот од Пекинг.
Тамара Грнчароска