
Владата расправа за буџетот
Откако неговите клучни столбови беа претставени пред јавноста и ги доживеа првите критики и пофалби, буџетот за идната година денеска пред министрите на седница. Владата до крајот на денов мора да го усвои и да го испрати во собраниска процедура. Стопанствениците кои изгледа се помирија со прогресивниот данок, сега бараат капиталните инвестиции тешки 418 милиони евра веќе да не се кочат и рамномерно да се распоредат низ градовите.
Забелешки и за зголемувањата на платите во јавниот сектор, покрај просветарите и здравствените работници, повисока септемвриска за 5 отсто и за јавната администрација. Но премиерот Заев вчера ги спласна надежите на административците, вели прво ќе се чека да се види каква оценка ќе добијат од ЕУ, за отворање на поглавјата за преговори. Поголеми плати ќе има само ако ако реформите се оценат како добри.
На дел од административците ќе им се заблагодариме, ќе им понудиме преквалификација преку програмите на Агенцијата за вработување и ќе ги понудиме на приватните компании. Тие ќе треба да им обезбедат соодветна обука, а ние сме подготвени од шест месеци до една година да им обезбдеиме плати додека трае обуката, рече премиерот Заев.
Синдикатот на УПОЗ изненаден од изјавата, ја сметаат за неумесна и нелогична. Не е прв пат, велат, премиерот да изјави дека администрацијата е непрофесионална и не работи ништо. Реформата што ја бара ЕУ не треба да се упатат кон овие вработени, туку кон судскиот совет и судиите, но и кон фактот што долг период не е формирана антикорупциската комисија.
За да има неефикасна администрација прво тој треба да добие задача за извршувцање на работата. Одговорни се министрите, генералните и државните секлретари и раководители на сектори и одделенија. Тие треба да менацџираат со вработените, вели Трпе Деаноски, генерален секретар на синдикатот на УПОЗ.
Реагираат дека треба да се прави разлика меѓу административците, кои се 17 илјади и вкупниот јавен сектор кој брои 128 илјади вработени.
Ги поканувам сите оние бизнисмени од стопанската комора и професори кои имаат над 60 илјади денари плата, нека се стават во чевлите на административецот кој зема плата од 20 илјади денари или помалку месечно, со високо образование и со 25 год стаж и нека преживеат со таа плата, вели Деаноски.
Буџетот за 2019 ќе тежи 3,7 милијарди евра и е најголем досега, или 300 милиони евра повече од годинашниов. Владата уверува – нема да има раскалашаност, само продуктивни проекти.
Нина Нинеска-Фиданоска