Владата расправа колку ќе чини кампањата за референдумот

На првата пост-одморска седница, Владата ги утврдува деталите за референдумската кампања. Треба да одлучи колку пари ќе издвои, како ќе ги насочи, дали ќе формира штаб и каравани кои, како за избори, ќе одат од град до град, вклучувајќи ја и дијаспората, и ќе ги уверуваат граѓаните дека треба да заокружат „за“. Иако формално терминот за пропаганда почна со распишувањето на референдумот, значи на 30-ти јули, од Владата до сега само најавија дека имаат намера да водат информативна кампања за да ги запознаат гласачите со содржината на Договорот со Грција.

Според анкетата што ја спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје, 43,2 одсто од граѓаните ќе гласаат за, 22 одсто против а 22,7 одсто ќе го бојкотираат претстојниот референдум. Од тие што одговориле за, 32,4 одсто се етнички македонци, а 80,9 – етнички албанци. Анкетата е спроведена меѓу 6 и 10 август на илјада 110 испитаници. ИПИС го испитувал и рејтингот на партиите со споредба на резултатите од јуни и од август. Во јуни, ВМРО-ДПМНЕ имала поддршка од 19,1 одсто испитаници, а во август рејтингот пораснал на 20,4. Кај СДСМ Агенцијата бележи пад на рејтингот од 22,9 на 21 одсто.

Според СДСМ, се работи за лажна анкета.

„Нарачаната лажна анкета го потврдува стравот на ВМРО ДПМНЕ од решителноста на граѓаните да изберат светла иднина наместо темно минато. Овој Институт е добро познат за јавноста кога во минатото објавуваше нарачани анкети секогаш кога на Груевски тоа му беше потребно. Сите релевантни истражувања покажуваат дека СДСМ има многу поголем рејтинг од ВМРО ДПМНЕ.“

Од опозициската партија нема коментар за објавената анкета. Во однос на референдумот, својот став ќе го изградат во партиските органи и ќе го соопштат на 10 септември.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ