Владата прераскажува наместо да објави што стои во писмото од Венецијанска Комисија

Писмото кое го испрати Венецијанската комисија е доставено до премиерот Заев и вицепремиерот Османи и во него нема ништо околу изјавата на Османи туку станува збор за објаснување на процедура, тврдат од Владата. Сепак останува нејасно зошто Владата одлучи да ја прераскажува содржината наместо да го објави во јавноста.

Вицепремиерот Османи тврди дека во писмото од Комисијата е наведена процедурата при гласање и во него не се спомнува ништо за притисок . Тој останува на ставот дека Каракамишева не е достоинствена да ја претставува Македонија во било која меѓународна институција.

Слично објаснување стигна и од Владата од каде соопштија дека во писмото се укажува дека претсавниците во Комисијата не може да гласаат и оценуваат закон испратен од сопствената држава.

Од друга страна пак Каракамишева на својата фејсбук страница објави дека во писмото е наведен ставот на Комисијата односно дека не смее да има притисок од Владата врз било кој претставник во Комисијата.

Владата завчера го испрати Законот за јазици до Венецијанската комисија, еден ден откако вицепремиерот Османи изјави дека Законот за јазиците не треба да се испрати  се додека македонски претставник во Комисијата е професорката Каракамишева. Ставот на Османи беше дека треба да се испратат само одредбите што се однесуваат на двојазичните униформи и на парите.

Разногласие меѓу Владата и Османи има и во делот околу новите вработувања потребни за спроведување на законот. Од владата тврдат дека кадрите во новите Агенција и Инспекторат ќе се обезбедат од постоечките ресурси за разлика од Османи и неговата партија ДУИ кои сметаат дека се потребни нови вработувања а со тоа и дополнителни трошоци.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ