
Владата повикува на консензус, опозицијата против
Во Комисијата за уставни прашања, власта повика на консензус за уставните измени, а опозицијата одбива да гласа за нив. Премиерот Заев ги повика сите пратеници што сакаат Македонија да оди напред и да стане членка на Европската унија и на НАТО, да покажат единственост и да дадат поддршка. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека немаат мандат за менување на името на државата.
Власта и опозицијата различно ги читаат резултатите од референдумот. Според првите, волјата на над 600 илјади гласачи обврзува на решавање на проблемите што стојат пред евроатлантската интеграција, а вторите се уверени дека сите што не излегле на гласање се против Преспанскиот договор.
И партиите на албанците ги повикаа колегите од опозицијата да соберат храброст и да гласаат „за“.
Се очекува расправата во Комисијата да се исцрпи во петок, а пленарната седница за изјаснување по предлогот на Владата за измена на Уставот, е закажана в понеделник.
Соња Николовска