
Владата побара прогласување вонредна состојба
„Ова е вонредна ситуација. Затоа е потребна вонредна состојба сега и веднаш“. Со вакво објаснување, Владата побара за прв пат во историјата на државата да се примени оваа уставна категорија. Со тоа, Владата ќе добие можност брзо и ефикасно да реагира пред се на здравствен и на економски план.
Мерките што ќе ги носи Владата не се утврдени однапред туку ќе се носат во зависност од развојот на ситуацијата, најави Спасовски. Уверува дека има доволно резерви со храна и побара секој граѓанин да понесе одговорност за своето однесување.
Владата апелира да не се патува без итна потреба. На седница е донесен заклучок секој што сака да оди во странство да потпише документ дека нема да бара да се врати во рок од три месеци. Сите прописи што ќе бидат донесени при вонредна состојба ќе имаат третман на закони, согласно уставните начела.
Барањето за прогласување вонредна состојба Владата го достави до Собранието со барање тоа да одржи седница.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ни изјави дека нема да закаже седница. Според него, Собранието е распуштено и не може да заседава, па барањето од Владата ќе го проследи до претседателот Пендаровски. Според Уставот, „вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, но доколку Собранието не може да се состане, одлуката ја донесува претседателот“. Одлуката има важност од 30 дена и според Џафери, по потреба, може да биде продолжена.
Соња Николовска