
Владата планира со 1,5 милиони евра да го преполови аерозагадувањето
Домаќинствата кои се топлат на печки и старите возила на улиците се најголеми загадувачи на воздухот, посочуваат од Владата. Ги идентификувале причините за големото аерозагадување, па одлучија за првпат да одвојат пари за намалување на штетните ПМ10 честички во воздухот. Сметаат дека за две години од сега можат да го подобрат квалитетот на воздухот во Скопје и од 30 до 50 проценти во внатрешноста. За овој план, Министерството за животна средина има еден ипол милиони евра.
Според Владата, дури на трето место на листата најголеми загадувачи се наоѓаат фабриките кои испуштаат отровни гасови.
Зелените активисти сметаат дека тоа е грешен чекор на надлежните. Коментираат дека борбата со аерозагадувањето мора да започне од фабриките кои освен во државата се и најголеми загадувачи во европски рамки. Не ја поздравуваат одлуката на Владата да калкулира со проценти. Бараат да се применат радикални мерки низ целата држава.
Владата вети дека мерните станици низ Македонија кои се расипани и не го мерат загадувањето ќе бидат заменети со нови од јануари.
Петар Догов