Владата обзнани: 139 илјади луѓе работат во јавниот сектор!

129 илјади вработени земаат месечна плата од државниот буџет и буџетот на општините. 1600 се привремно вработени, а до конечната бројка од 139 000 вработени во јавниот сектор Владата за прв пат ја објави и листата со 8600 лица на платен список во државните компании. Министерството за информатичко општество повеќе од 6 месеци ги пронаоѓала вработените во 1304 институции. Открила и 15 формирани тела кои немаат вработени. Откако ќе ги вметне во електронскиот регистар, во 2019-та,дел ќе ги обучува, а дел ќе се обиде да ги испрати во приватниот сектор.

54 проценти се мажи, 46 отсто се со високо образование. Од 10 вработени во Уставен суд – 9 се жени. Информатичкото општество го управуваат лица над 50 години, а просечната возраст на македонскиот административец е 45 години. Само 1,8 проценти се млади до 25 години, а од вкупниот број 19 проценти се изјасниле дека се Албанци. Вработените со рамковниот договор добиваат насоки, а за два месеци Манчевски е уверен дека ќе тргнат на работа.

Од позиција на опозиција, Манчевски тврдеше дека минатата власт крие многу поголема бројка на вработени во администрацијата и јавниот сектор, бројка која што денеска се поклопи со тврдењата и на неговиот претходник. Разликата според него е што администрацијата се намалила за 931 вработен од лани бидејќи не се вработува по партиски “клуч“ туку според потребите на институциите. Посочи дека се вработуваат и симпатизери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но најмногу недостига високо раководен и обучен кадар.

Со финалната реконструкција на јавниот скетор, Манчевски најави дека граѓаните ќе добијат едношалтерска служба, а со дигитализацијата најбараните услуги ќе се вршат од дома со интернет.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ