
Владата нема оправдување за слабите капитални инвестиции
Не држат аргументите на Владата за буквално катастрофалната реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал, како што е оној дека тие потфрлиле заради плаќањето на фактурите од минатата година, сметаат стручњаците. Објаснуваат дека начинот на мерење на капиталните расходи е ист веќе со години наназад.
„Експертите сметаат дека Владата нема оправдување за слабата реализација на капиталните инвестиции, тие тврдат дека таа во иднина треба да ги засука ракавите за да го зголеми трошењето за инфраструктурни проекти“.
Предлагаат дека конечно мора да се воведе систем кој ќе бара одговорност и отчетност од функционерите чии ресори затаиле во трошењето, но и да се настапува реалистично а не еуфорично при планирањето на капиталните расходи.
- Тој што треба да спроведе секогаш има оправдување, но ние како јавност треба да кажеме дека овде реализацијата оди многу лошо и дека треба сериозно да се подразмисли во иднина на кој начин сето ова ќе се одвива, кој се треба да го менаџира и управува, можеби треба да се воведе и некое системско решение кое ќе значи проверка, иницирање, со одговорност, се разбира, во спротивно во изминатиов период имаме континуирано лоша реализација. Исто така, лошо се планираат капиталните инвестиции, односно на почетокот на годината се настапува еуфорично, иако креаторите на политиките знаат дека тоа ќе биде тешко и нема да се оствари планираното“, вели Павле Гацов, даночен експерт.
Во првите три месеци се потрошени само 26 милиони евра или 6,2 отсто од планираните 422 милиони евра за инфрастраструктура. Премиерот Заев најави дека на средината на годинава ќе има ребаланс на буџетот, но не заради ова потфрлање, туку поради добрата наплата на приходите. Сепак, експертите стравуваат дека и годинава може да се повтори истата слика од претходните, а тоа е инфраструктурните проекти да бидат жртва при новото прекројување на државната каса. За да не се случи тоа, советуваат парите што ќе останат да се искористат за проекти кои можеби не биле планирани, а им се многу потребни на граѓаните.
- Сугерирам Владата да отвори нови проекти, бидејќи земјава има простор, можности и потреба од нив, особено во енергетиката, гасификацијата каде што гледаме дека ништо значајно не се случува, јавниот превоз во Скопје, канализации, се уште немаат ни села во Скопје, а да не зборуваме во државава, значи, простор за работа има, но очигледно нема кој тоа да го сработи“, вели Павле Гацов.
Жално и погрешно би било, вели Гацов, средствата да се потрошат за затворање на стари дупки без критериуми, како што лани беше давањето 50 милиони евра на општините.
И ако власта тешко успева да троши за инфраструктура, на приходната страна добро ги собрала парите, вкупно 750 милиони евра. Кај даноците тоа се должи и на законските новини, но кај персоналецот, каде со реформата од стартот на годинава се воведе повисока стапка од 18 отсто, досега се наплатени околу 66 милиони евра, или 21,2 отсто од планот. Според Гацов, овој данок уште не го дал својот максимум, повеќе пари треба да донесе на крајот на годината кога ќе се исплатуваат бонусите во фирмите, кои ќе се оданочуваат со повисоката стапка. Наплатата на ДДВ, пак, мора да се подобри, и да се реши конечно проблемот со неиздавањето на фискални сметки.
Нина Нинеска Фиданоска