
Владата не кажува колку ќе потроши за кампањата
Десетина прашања, еден ист одговор: „Владата донесе одлука да води информативна кампања“. И покрај новинарското инсистирање, од Владата не соопштуваат никаква проекција колку средства имаат намера да потрошат. Планот и програмата на кампањата ќе ги утврдуваат наредната недела, а со поинтензивни медиумски активности ќе почнат од први септември. Во наредните три дена очекуваат министерствата да определат средства од своите буџети и да ги пренаменат за потребите на референдумот.
До сега, Владата има потрошено само стотина евра, плаќајќи за реклами на социјалните мрежи.
Токму преку социјалните мрежи министерот Никола Димитров ја искоментира паралелата меѓу „Шарената револуција“ и „Бојкотирам“.
„Шарената револуција е жед за одговорност во ситуација на јавно разоткриен криминал. Бојкотирам е повик за НЕОДГОВОРНОСТ, за немање глас за сопствената и за иднината на Македонија. Некаква паралела меѓу нив е исто како да се става равенство меѓу храброста и стравот, меѓу активниот граѓанин кој се осмелил да прогледа во темница и пасивниот поданик кој се плаши да отвори очи во светлина…“, напиша Димитров.
А премиерот Заев ја почна кампањата меѓу дијаспората. На претставниците од повеќе европски земји и од САД им рекол дека очекува да излезат на гласање и да дадат придонес во овој историски момент за напредокот на Македонија.
„Вистински патриот е оној кој ќе ја обезбеди иднината на државата. Тоа е придобивка за нашите деца, за сегашните генерации и остварување на вековниот стремеж на нашите претци за потврда на идентитетот на граѓаните Македонци, на македонскиот јазик и поставување на Македонија како држава еднаш за секогаш во светското семејство на држави“, рече премиерот.
ДИК соопшти дека до денеска, за гласање во дијаспората има 862 пријави, од кои, прифатени се 836. Најмногу пријавени има во Берн, Лондон, Торонто, Љубљана и во Канбера. Оние што ќе се пријават за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва ќе бидат на посебен список па нема да можат да се премислат и да гласаат во татковината.
Соња Николовска