
Владата не ги прифаќа барањата на текстилците
Владата не ги прифаќа барањата на работодавачите од текстилната индустрија за поголеми бенефиции. Недозволиво е вели министерката Мила Царовска да се бара 50% од придонесите за вработените да бидат на товар на државата бидејќи работодавачите ја исплаќаат минималната плата и без да ги користат веќе одобрените субвенции.Тврди дека текстилниот бизнис има потенцијал за исплата и на поголеми плати.
– Неприфатливо е да се анулираат придонесите.Тоа не е фер ниту за работниците, ниту за институциите, а здравствениот и пензискиот фонд беа доволно оштетени со претходната влада за да ние тоа го повториме…Минималната плата не ја донесовме сами ниту им ја наметнавме.Работодавачите се дел до советот, заедно дискутиравме и рекоа дека ќе ја издржат мин плата. Досега немаше отпуштања на работниците а ниту ги искористија субвенциите,значи има потенцијал и да исплакаат повисоки плати, вели министерката за труд Мила Царовска.
Работодавачите вчера тврдеа дека вештачкото вреднување на нискоквалификуваниот труд ги доведува во ситуација да не можат да ги исплаќаат платите.Уверуваат дека не се против тоа работниците да земаат повисоки плати но помошта им треба за да станат поконкурентни на пазрот.За нив не е ништо спорно ниту тоа што возат скапи автомобили а вработените работата за мин плата.
Вработените не се изнендадени од ваквиот настап на дел од работодавачите.Велат дека доколку газдите ги почитувале работничките права и тие ќе дале поддршка на нивните барањата.
„Работниците во другите држави користат и си дозволуваат одмор, имаат нормални услови за живот, додека текстилните работници во РМ се на раб на егзистенција, под мобинг, прекувремена неплатена работа, неплатена работа за празник и слично. Додека гледаме како на работниците им се бара да вратат дел од платата и слушаме разни сведоштва за нечовечки услови и однос кон вработените, стоиме на ставот дека и овие субвенции кои ги добиваат се многу“, сметаат од Гласен Текстилец
Резултатите од анкета направена во април од страна на текстилно здружение покажа дека речиси половина од работниците не добиваат ливче за плата, околу 80% дека не се соодветно платени за празници и за работа во викенд а 26,7% мораат дел од платата да ја вратат кај работодавачот.
Виолета Зајкова Стојановска