
Владата најавува ригорозни мерки за контроли во трошењето, експертите децидни – мора да се почитуваат препораките на ДЗР
Владата ќе го стега ременот околу државните институции и јавните претпријатија кои трошат народни пари – најавува дека ќе преземе поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошење на јавните финансии. Има бројни слабости во работата на внатрешни ревизии и контролите, и на централно и на локално ниво, заклучиле министрите на вчерашната седница.
„Многу малку, процентуално многу малку препораки се имплементирани по завршувањето на работата на ревизиите. Се носат заклучоци, но институциите покажуваат слабост во имплементацијата на препораките“, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви стратешки документ насловен како – Политика за јавна внатрешна финансиска контрола, за периодот од 2018 до 2020 година. Целта е да се зајакне раководната отчетност кај сите буџетски корисници и јасно да се дефинира улогата на вватрешните ревизии.
Експертите сметаат дека добро е што Владата се сетила да прави контроли на трошењата кај буџетските корисници, нивните раководни луѓе мора да даваат отчет дали законски ги трошеле народните пари. Владата ќе има многу работа за државните институции конечно да почнат да реагираат на извештаите на Државниот завод за ревизија, а врз нив да постапуваат и Обвинителството и Антикорупциската комисија. ДЗР е единствена релевантна институција за контрола за законското трошење на парите, децидни се познавачите.
„Најавите на Владата дека ќе ги имплементира извештаите и наодите на внатрешната ревизија, веќе не поминуваат. Тие ревизии и до сега, а верувам и сега, ќе бидат под контрола на извршната власт. Ние како граѓани веќе не веруваме на овие финти, туку тие мора да ги имплементираат извештаите на Државниот завод за ревизија“, вели Муса.
На крајот на минатата година сите министри биле задолжени од Владата да достават информации за нивните трошења до 15 јануари. Сите ги испратиле бараните извештаи, сега се обработуваат и ќе бидат јавно прикажани, но Бошњаковски убедува – тие трошат неспоредливо помалку од претходните министри.
Нина Нинеска-Фиданоска