
Владата најави уривање на сите дивоградби на охридското крајбрежје
Сите дивоградби кои имаат решенија за уривање ќе бидат урнати, вклучително и тие на актуелни функционери и член на градскиот совет на Охрид со кој се поврзуваат два спорни објекти, едниот во близина ја крајбрежјето, а другиот во центарот на градот, најави премиерот Заев. Според Регистарот на дивоградби кој на барање на УНЕСКО го изработи општината, во Охрид има 1.076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони, поради што, меѓу другото, Охридскиот регион е под закана да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 43 сесија што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку, вчера ја отвори расправата за состојбата на светското културно и природно наследство на Охридскиот региот и предлогот тој да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност. Македонската делегација бара одложување на одлуката и нов временски рок да постапи по 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети. Целиот случај ќе се разгледува уште еднаш во пакет со барањето за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро.
Горан Момироски