Владата корегирала ситни технички грешки и го доставила во Собранието усогласениот текст на законот за Јавно обвинителство

Владата на Северна Македонија соопшти дека на вчерашната седница ги разгледувала и усогласила Предлог-законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители.

Според владата, во предлог-законот за јавно обвинителство биле  внесени корекции кои се однесуваат на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот.

Понатаму, се тврди дека во текстот кој што бил  испратен биле направени ситни технички грешки кои се однесувале токму на корекциите кои биле усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство бил  повлечен. По направените исправки, законот повторно бил доставен  до Собранието.

Што се однесува до Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители имало повеќе предлози за негова измена.

Во текот на дебатата на седницата на Владата беше прифатено додавањето на упатна норма на Законот за употреба на јазиците и додавање на двојното гласање за изборот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на криминал и корупција. Во текстот што беше испратен до Собранието беше испуштена упатната норма на Законот за употреба на јазиците, а одредбата за двојното гласање беше непрецизно формулирана. Од тие технички причини текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители беше повлечен, со цел да се испрати законски текст со содржина каква што беше усвоена на седница на Владата на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ