Владата ќе ги вгради опозициските барања во уставните амандмани

До крајот на неделата, нацрт амандманите на Уставот ќе бидат поднесени до Собранието. Премиерот Заев верува дека во нив ќе бидат вградени барањата на новата опозициска пратеничка група, за кои попладнево разговараа во Собранието. Заев вели дека се изнајдени конкретни насоки за гарантирање на македонскиот идентитет, за завршување на процесот без блокади од грчка страна и за постепена промена на името за внатрешна употреба, но за сето тоа ќе се консултира и грчката страна.

Владата го прифатила и четвртото барање на оваа опозициска група, што беше испорачано уште при првото гласање за старт на уставните промени. Верува дека во Координативното тело за помирување ќе се вклучат сите пратенички групи.

Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ деновиве и формално ќе побара спикерот Талат Џафери да претседава со телото за помирување.

Ова е прва средба на премиерот Заев и министерката Десковска со осуммината пратеници исклучени од Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Наредниве денови ќе се одржи уште една средба, за да биде заеднички потврден текстот на амандманите што ќе ги подготви Владата.

Соња Николовска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ