Владата ќе ги анализира идеите на Нимиц, преговарачот Наумовски со сопствен став

Македонската Влада соопшти дека внимателно ќе го анализира предлогот на посредникот на ОН Метју Нимиц.  Во кусото соопштение се наведува дека “по внимателна анализа на рамката на Нимиц што денес ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, согласно значењето на прашањето за државните интереси, Владата ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија“.

Оттаму велат и дека се посветени на решавање на спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни, имајќи ги предвид разликите.

Во соопштението од Владата не се споменува ништо за ставот на македонскиот претставник Васко Наумовски кој кажа дека предлогот на Нимиц е далеку од достоинствен.

Наумовски во изјава за телевизијата „Сител“ изјави дека дека „Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за кои што сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и истиот ќе може да заземе став по ова прашање“, рече Наумовски.

 Оваа изјава е преседан затоа што во целиот процес на преговори под покровителство на Обединетите Нации, што траат повеќе од 25 години не се случило преговарач ниту од македонска, ниту од грчка страна да соопшти сопствен став за предлог што го презентира специјалниот претсавник на генералниот секретар Метју Нимиц. Амбасадорот во САД Васко Наумовски беше назначен за преговарач во спорот за името од Владата на Никола Груевски.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ